Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 5:1-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Чуј ги, Израеле, наредбите и заповедите што ви ги кажувам денес во вашите уши! Научете ги и пазете ги, и вршете ги.

2. Господ, нашиот Бог, склучи со нас Завет на Хорив.

3. Господ не го склучи тој Завет со нашите татковци, туку токму со сите нас, кои сме живи денес, тука.

4. Господ зборуваше со вас лице во лице на гората, од средината на огнот.

5. Во тоа време јас стоев меѓу Господа и вас, за да ви ги известам Господовите зборови, зашто вие не сакавте, заради стравот од огнот, да се искачите на гората. Тогаш рече:

6. ‘Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството.

7. Да немаш други богови покрај Мене!

8. Не прави си резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата.

9. Не клањај им се ниту им служи. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ги казнувам гревовите на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата, на внучињата и на правнучињата,

10. а им искажувам милост на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.

11. Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име.

12. Одржувај го саботниот ден за да го осветуваш, како што ти заповеда Господ, твојот Бог.

13. Шест дни работи и извршувај ги сите свои работи.

14. А седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог; не врши во него никаква работа, ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето осле, ниту некое твое добиче, ниту придојденикот, кој е во твоите градови; така да може да се одмори и твојот слуга, и твојата слугинка како и ти.

15. Спомни си дека и ти беше роб во Египетската Земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со испружена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден.

16. Почитувај ги татка си и мајка си, како што Господ, твојот Бог, ти заповеда, за да живееш долго и за да ти биде добро на земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава.

17. Не убивај!

18. Не прељубодејствувај!

19. Не кради!

20. Не сведочи лажно против својот ближен!

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 5