Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 4:16-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. за да не се расипете па да не си направите за себе некаков делкан лик, кип со машко или женско обличје,

17. ниту со обличје на некакво животно што е на земјата, ниту со обличје на некаква птица што лета под небото,

18. ни со обличје на што и да е што ползи по земјата, ни со обличје на некаква риба што е во водата, под земјата,

19. и за да не се заведеш, кога ќе ги подигнеш своите очи кон небото па ги видиш сонцето, месечината и ѕвездите - сета небеска војска - па да им се клањаш и да им искажуваш почитување. Господ, твојот Бог, им ги даде нив на сите народи, секаде под небото.

20. А Господ ве зеде вас и ве изведе од Египет - од онаа вжарена печка - за да станете народ на неговото наследство, тоа што сте денес.

21. Но заради вас Господ се налути на мене и се заколна дека нема да поминам преку Јордан и да влезам во Блажената Земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.

22. Така, јас ќе умрам во оваа земја; јас нема да поминам преку Јордан. А вие ќе поминете и ќе ја завладеете онаа прекрасна земја.

23. Затоа внимавајте да не го заборавите Заветот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас, па не правете си за себе делкани ликови на што и да е што го забрани Господ, твојот Бог.

24. Зашто, Господ, твојот Бог, е оган што проголтува; Тој е Бог Ревнител.

25. Кога ќе народите деца и внучиња и кога ќе престојувате подолго во онаа земја, а ќе се расипете правејќи за себе било какви делкани ликови и вршејќи зло во очите на Господа, својот Бог, така што ќе Го предизвикате на гнев,

26. знајте - ги земам за сведоци против вас небесата и земјата - дека бргу ќе ве снема од земјата во која што одите преку Јордан за да ја наследите: не ќе живеете долго во неа, туку ќе бидете откорнати.

27. Господ ќе ве распрсне меѓу народите, и ќе остане само мал број од вас меѓу народите среде кои ќе ве одведе Господ.

28. Таму ќе им се поклонувате на богови што човечки раце ги направиле од дрво и камен, на богови кои не можат ни да видат ни да чујат, ни да јадат ни да мирисаат.

29. Таму ќе Го бараш Господа, својот Бог. И ќе Го најдеш ако го бараш со сето свое срце и со сета своја душа.

30. Сè тоа ќе те снајде во твојата неволја, ама во последното време ти ќе Му се обратиш на Господа, својот Бог, и ќе го послушаш Неговиот глас.

31. Па Господ, твојот Бог, е милосрден Бог; Тој нема да те остави ни да те погуби, ниту ќе го заборави Заветот што со заклетва го склучил со твоите татковци.”

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 4