Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 32:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Слушајте, небеса, сега ќе зборувам, чуј ги, земјо, зборовите на мојата уста!

2. Мојата наука нека дожди како дожд, мојот збор нека паѓа како роса, како дождец по младо зеленило, како пороен дожд по трева!

3. Зашто, ќе го возвишувам Господовото име, а вие, величајте Го нашиот Бог!”

4. „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит.

5. Тие се развратија не Му се синови, туку синовски изроди, изопачен и лукав пород.

6. Така ли Му враќаш на Господа, глупав и безумен народе! Не е ли Тој твој Татко, усвоител, Кој те создаде, преку Кого постоиш?

7. Спомни си за древните денови, разгледај ги годините од век до век. Прашај го татка си, и ќе те поучи, распрашај ги постарите, па ќе ти кажат.

8. Кога Сèвишниот им го делеше наследството на народите, кога ги разместуваше човечките синови, им ги одреди меѓите според бројот на Божјите синови:

9. тогаш на Господа Му падна Неговиот народ, Јаков Му беше Негово наследство.

10. Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око.

11. Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја.

12. Самиот Господ го водеше него, туѓ бог немаше со него.

13. Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена;

14. кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето.

15. Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение.

16. Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии.

17. Им жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 32