Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 31:18-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. А Јас ќе го скријам сосем Своето лице во тој ден заради сето зло што ќе го прават, завртувајќи се кон други богови.

19. Напишете си ја сега оваа песна. Израелците нека ја научат! Стави ја во нивната уста, за да ми биде оваа песна сведок против Израелевите синови.

20. Кога ќе ги доведам во земјата во која течат мед и млеко, и за која им се заколнав на нивните татковци, и кога ќе се најадат, кога ќе се наситат, кога ќе се згојат, тие ќе се завртат кон други богови, и ним ќе им служат, Мене ќе Ме презрат и ќе го прекршат Мојот Завет.

21. А кога ќе ги најдат многу несреќи и неволји - оваа песна - зашто нивното потомство никогаш нема да ја заборави, ќе даде сведоштво против нив. Зашто Јас ги знам нивните мисли, и што смислуваат веќе денес, пред да ги воведам во земјата, што им ја ветив со Заклетва.”

22. Во тој ден Мојсеј ја напиша оваа песна, и ги научи Израелците на песната.

23. Му наложи на Навиновиот син Исус: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе ги воведеш Израелевите синови во земјата за која им се заколнав. И Јас ќе бидам со тебе.”

24. Кога Мојсеј ги напиша зборовите на овој Закон во книжен свиток,

25. тогаш им нареди на левитите, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет:

26. „Земете го книжниот свиток на овој Закон и положете го во Ковчегот на Господовиот Завет. Таму нека биде сведок против тебе!

27. Та јас ги знам твојата бунтовност и твојот корав врат. Еве и денес, додека уште живеам со вас, се буните против Господа. А како не ќе се буните кога ќе умрам!

28. Соберете ги при мене сите старешини на своите племиња и своите надгледувачи, за да ги речам овие зборови во нивните уши па да ги земам за сведоци против нив небото и земјата.

29. Зашто знам дека по мојата смрт ќе се изопачите и ќе се отклоните од патот, што ви го одредив; несреќа ќе ве најде во идните времиња, коѓа ќе правите што Му е немило на Господа, и кога ќе Го разгневувате со делата на своите раце.”

30. А тогаш, на ушите на целата израелска заедница, Мојсеј ги изговори до крај зборовите на оваа песна:

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 31