Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 31:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Мојсеј дојде да му ги упати овие зборови на целиот Израел:

2. „Мене ми се денес сто и дваесет години - им рече - не можам веќе да влегувам и да излегувам. А Господ ми рече: ‘Не ќе поминеш преку овој Јордан!’

3. Самиот Господ, твојот Бог, ќе премине пред тебе; Тој ќе ги порази пред тебе оние народи, за да ги истерате од земјата. Исус ќе врви пред тебе, како што рече Господ.

4. Господ ќе постапи со нив како што постапи со Сион и Ог, аморејски цареви, и со нивната земја кога ги уништи.

5. Господ ќе ги положи пред вас, а вие ќе постапувате со нив според сите наредби, што ви ги дадов.

6. Охрабрете се и бидете одлучни! Не бојте се и не плашете се од нив! Та Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави.”

7. Тогаш Мојсеј го повика Исуса па му рече пред сиот Израел: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе одиш со овој народ во земјата за која Господ им се заколна на нивните татковци, дека ќе им ја даде; ти ќе им ја разделиш во наследство.

8. Самиот Господ врви пред тебе; Тој ќе биде со тебе; не ќе те испушти ниту ќе те остави. Не бој се и не трепери!”

9. Мојсеј го напиша овој Закон и им го предаде на свештениците, Левиевите синови, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, и на сите Израелски старешини.

10. Мојсеј им нареди: „Во секоја седма година - година прошка - на Празникот на шаторите,

11. кога сиот Израел ќе дојде да го види лицето на Господа, твојот Бог, на местото што Тој ќе го избере, прочитај го овој Закон во присуство на целиот Израел.

12. Собери го народот - луѓето, жените, децата и придојденикот кој ќе биде во твоите градови - за да чујат и за да се бојат од Господа, вашиот Бог, па да ги пазат и да ги вршат сите зборови на овој Закон.

13. Нивните синови, кои уште не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се бојат од Господа, вашиот Бог, за сето време додека ќе живеете во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.”

14. Господ му рече на Мојсеја: „Еве наближува времето на твојата смрт. Викни го Исуса, и најдете се во Шаторот на средбата, за да му дадам заповеди.” Мојсеј и Исус дојдоа во Шаторот на средбата.

15. Господ се покажа во столб од облак во Шаторот. Облачниот столб стоеше на влезот во Шаторот.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 31