Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 28:10-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе.

11. Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде.

12. Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница - небото - за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем.

13. Господ ќе те држи на чело, а не на задното место; секогаш ќе бидеш на врвот, никогаш на дното, ако ги слушаш заповедите на Господа, својот Бог, што ти ги наредувам денес за да ги држиш и вршиш.

14. Немој да отстапуваш ниту од еден збор што ви го наложувам денес - ни десно ни лево, одејќи по други богови и искажувајќи им почитување.”

15. „Но ако не го слушаш гласот на Господа, својот Бог, не пазејќи и не извршувајќи ги Неговите заповеди и сите Негови закони што ти ги наредувам денес, сите овие проклетства ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат:

16. Проклет ќе бидеш во градот, проклет во полето.

17. Проклет ќе биде твојот кош, и твоите ноќви.

18. Проклет ќе биде плодот на твојата утроба и родот на твојата земја, младите на твоите говеда и прирастот на твоите стада.

19. Проклет ќе бидеш кога ќе влегуваш, проклет кога ќе излегуваш.

20. Господ ќе пушта на тебе проклетство, забуна и клетва во сè кон што ќе ја испружиш својата рака за да направиш, сè додека не бидеш сотрен и не пропаднеш брзо заради злото на своите дела, со кои Ме напушти.

21. Господ ќе го испрати поморот врз тебе додека те снема од земјата во која одиш, за да ја завладееш.

22. Господ ќе те удри со истоштеност, со треска, со воспаление, со жега и со суша, со сувиот ветер и со гламница; тоа ќе те гони додека те снема.

23. Небесата над твојата глава ќе станат бронза, а почвата под твоите нозе ќе стане железна.

24. Место дожд, Господ ќе и даде на твојата земја пепел, и од небото ќе паѓа прав, ќе паѓа на тебе додека не бидеш истребен.

25. Господ ќе те направи да бидеш поразен пред твоите непријатели; по еден пат ќе излегуваш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. Ќе станеш страшило за сите земни царства.

26. И твоето мртво тело ќе им стане храна на сите небесни птици и на сите земни ѕверови. Не ќе има никој за да ги плаши.

27. Господ ќе те удри со египетски приштови, со чиреви, со красти и со јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 28