Стар Завет

Нов Завет

Судии 9:45-57 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

45. Авимелех го опсадуваше градот цел ден. Откако го зазеде, ги погуби сите жители; го разурна градот и посеа сол по него.

46. Кога го чуја тоа господарите на Мигдал Сихем, влегоа сите во утврдениот простор на храмот Вал-Верит.

47. Кога Авимелех научи дека сите жители на Мигдал-Сихем се собрале таму,

48. се искачи на Салмонската Гора со сета своја војска. Откако зеде секира во раката, отсече гранка од дрво, ја крена и ја стави на рамото. А на луѓето им заповеда: „Што видовте дека направив јас, направете брзо и вие.”

49. И сите луѓе пресекоа по гранка за себе, а потоа тргнаа по Авимелеха, ги нафрлија гранките пред тврдината и ја запалија со оган со нивна помош. Така умреа сите луѓе на Мигдал Сихем (Сихемска Тврдина), околу илјада мажи и жени.

50. Потоа Авимелех тргна против Тевес, го опседна и го освои.

51. Таму имаше, среде град, стражарница, каде се засолнаа сите мажи и жени и сите градски жители. Откако ја затворија вратата зад себе, се искачија на покривот на стражарницата.

52. Авимелех дојде до стражарницата и ја нападна. Додека и пристапуваше на вратата за да ја изгори со оган,

53. една жена му фрли млински камен на главата и му го скрши черепот.

54. Тој го повика брзо својот слуга, оружјеносецот, и му рече: „Истргај го мечот и убиј ме за да не се зборува за мене: ‘Жена го уби!’” Неговиот слуга го прободе, па тој умре.

55. Кога Израелците видоа дека Авимелех е мртов, сите се вратија во своите места.

56. Така Бог му плати на Авимелеха за злото што тој му го стори на татка си, убивајќи седумдесет свои браќа.

57. И сите зли дела на сихемските мажи Бог ги сврте врз нивните глави. И така ги стигна проклетството на Јотам, синот Јеровалов.

Прочитајте целосна глава Судии 9