Стар Завет

Нов Завет

Судии 9:26-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

26. Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него.

27. Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха.

28. А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему?

29. О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’”

30. А кога градскиот началник, Зевул, научи што зборувал Гал, синот Еведов, се разгневи.

31. Им испрати гласници на Авимелех и на Арум и им порача: „Еве, Гал, синот Еведов, дојде во Сихем, со своите браќа, и ги бунтува граѓаните против тебе.

32. Затоа стани ноќе, ти и народот што е со тебе, и застани во заседа во полето.

33. А наутро, кога ќе изгрее сонцето, стани и удри на градот. Кога Гал и неговите луѓе ќе излезат пред тебе, ти направи со нив како што ќе можеш со твојата рака.”

34. Авимелех стана ноќе, со сите свои луѓе, и постави заседа околу Сихем во четири одреди.

35. Кога Гал, синот Еведов, излезе пред градската врата и застана, Авимелех и неговите луѓе се појавија од заседата.

36. Гал ги здогледа луѓето и му рече на Зевула: „Ене слегуваат луѓе од горските врвови.” А Зевул му одговори: „Од сенките на планинските врвови ти се причинуваат луѓе.”

37. Гал проговори пак: „Ене слегуваат луѓе од возвишението, а една чета доаѓа по патот од дубравата Меоним.”

38. Тогаш Зевул му рече: „Каде ти е сега јазикот? Па ти зборуваше: ‘Кој е Авимелех за да му служиме?’ Не се ли онаму луѓето што ти ги презре? Излези сега и биј се со Авимелех!”

39. И Гал излезе на чело на сихемските жители и се судри со Авимелех.

Прочитајте целосна глава Судии 9