Стар Завет

Нов Завет

Судии 9:19-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Ако денес постапевте според вистината и според правдата со Јеровоал и со неговиот дом, радувајте се со Авимелеха, а тој нека се радува со вас!

20. Ако не - оган нека излезе од Авимелеха и нека ги изгори жителите на Сихем и сиот Бет-Мило (Дом на Мило), и нека излезе оган од граѓаните на Сихем и од Миловиот дом и нека го изгори Авимелеха!”

21. Тогаш Јотам избега, се засолна и дојде во Вир, и остана таму, зашто се боеше од брата си Авимелеха.

22. Авимелех царуваше над Израел три години.

23. Тогаш Господ испрати дух на раздор меѓу Авимелеха и сихемските жители, и сихемските граѓани се побунија против Авимелеха,

24. за да биде одмазден, на тој начин, злосторот направен над седумдесетте Јеровалови синови и за да падне нивната крв на нивниот брат Авимелех, кој ги погуби, и на жителите на Сихем, кои му помогнаа да ги убие браќата.

25. Сакајќи да му напакостат, сихемските жители поставија заседи по планинските врвови и го ограбуваа секого, кој би поминал покрај нив по оној пат. Му го јавија тоа на Авимелеха.

26. Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него.

27. Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха.

28. А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему?

29. О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’”

30. А кога градскиот началник, Зевул, научи што зборувал Гал, синот Еведов, се разгневи.

31. Им испрати гласници на Авимелех и на Арум и им порача: „Еве, Гал, синот Еведов, дојде во Сихем, со своите браќа, и ги бунтува граѓаните против тебе.

32. Затоа стани ноќе, ти и народот што е со тебе, и застани во заседа во полето.

33. А наутро, кога ќе изгрее сонцето, стани и удри на градот. Кога Гал и неговите луѓе ќе излезат пред тебе, ти направи со нив како што ќе можеш со твојата рака.”

Прочитајте целосна глава Судии 9