Стар Завет

Нов Завет

Судии 8:17-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Ја разурна Фануилската Кула и ги погуби жителите.

18. Тогаш им рече на Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето кои ги погубивте на Тавор?” „Личеа на тебе, - одговорија. - Секој беше како царски син.”

19. ”Тоа беа мои браќа, синови на мајка ми - рече Гедеон - Господ е жив! Ако ги оставевте во живот, јас не би ве убил.”

20. Потоа му заповеда на својот првенец Етер: „Стани, погуби ги!” Но детето не извлече меч: се боеше, уште беше младо.

21. Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и нападни нè зашто каков е човекот, таква му е и силата.” И откако стана, Гедеон ги погуби Зевеја и Салмана, и ги зеде месечинките украси што висеа на вратот на нивните камили.

22. Израелците му рекоа на Гедеона: „Владеј над нас, ти и твојот син и твојот внук, зашто ти нè избави од Мадијамците.”

23. Но Гедеон им одговори: „Не, не сакам да владеам над вас, а ни мојот син; Господ ќе биде ваш владетел.”

24. Уште им рече Гедеон: „Само едно барам од вас: секој да ми го даде прстенот од својот плен.” Победените носеа златни прстења, зашто беа Исмаилци.

25. ”Со радост”, одговорија тие. Тогаш тој го распростре својот плашт, и секој од нив фрли по прстен од својот плен.

26. Тежината на златните прстења што ги побара изнесуваше илјада и седум стотини златни сикли; освен месечињата, наушниците и облеките од црвено сукно што ги носеа мадијамските цареви, и освен веришките што беа околу вратот на нивните камили.

27. Гедеон направи од тоа ефод и го постави во својот град Офра. И сиот Израел блудно одеше таму по него; и тоа им беше стапица на Гедеона и на неговиот дом.

28. Така Мадијамците беа покорени под Израелците. Веќе не ја креваа главата, и земјата беше мирна четириесет години, додека живееше Гедеон.

29. Јеровал, синот Јоасов, отиде и живееше во својата куќа.

30. Гедеон имаше седумдесет синови, кои потекнуваа од него, зашто имаше многу жени.

31. Неговата наложница, која што живееше во Сихем, му роди син, кому му го даде името Авимелех.

Прочитајте целосна глава Судии 8