Стар Завет

Нов Завет

Судии 6:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Пак Израелевите синови правеа што е зло во Господовите очи; и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години.

2. Тешка беше раката на Мадијамците над Израел. За да им избегаат на Мадијамците, Израелците се засолнуваа во горските пукнатини, пештери и засолништа.

3. И кога Израелците ќе посееја, Мадијамците и Амаличаните и синовите на Исток доаѓаа против нив.

4. Откако ќе се настанеа на нивната земја, го уништуваа родот на земјата сè до Газа. Не му оставаа на Израел за да се прехрани ни овца ни коза, ни вол ни осле,

5. зашто доаѓаа со своите стада и со своите шатори во толкаво множество како скакулци; и тие и нивните камили беа безбројни; и одеа по Израелевата Земја за да ја запустат.

6. Така Мадијамците го фрлија Израел во голема беда, па Израелците извикаа кон Господа.

7. Кога Израелевите синови извикаа кон Господа заради Мадијамците,

8. Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството.

9. Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја,

10. и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.”

11. Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците.

12. И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!”

13. Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.”

Прочитајте целосна глава Судии 6