Стар Завет

Нов Завет

Судии 5:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во тој ден Девора и Варак, синот Авиноамов, ја запеаја оваа песна:

2. ”Борбено ги растурија коските израелските борци; и народот тргна доброволно: Благословувајте Го Господа!”

3. ”Чујте, о цареви! Послушајте, кнезови! Јас му пеам песна на Господа, јас Го славам Господа, Израелевиот Бог.”

4. ”Господи, кога слегуваш од Сир, кога чекореше победнички низ Едомските Полиња, сета земја се тресеше, небесата лееја, облаците врнеа со дожд.

5. Горите се тресеа пред Тебе, о Господи, самиот Синај од присуството на Господа, Израелевиот Бог!”

6. ”Во деновите на Самегар, синот Анатов, во деновите на Јаила запустеа патиштата; и оние кои што патуваа, обиколуваа наоколу.

7. Водачите престанаа во Израел, престанаа додека не станав јас, Девора, додека не станав како мајка на Израел.

8. Си избраа туѓи богови и затоа војната им застана пред вратата. За пет градови немаше ни еден штит! Ниеден цар за четириесет илјади во Израел!

9. Моето срце чука за израелските водачи, за народот што доброволно тргнува во бој! Благословувајте Го Господа!”

10. ”Вие, кои јавате на бели ослици, седејќи на меки постелки, и вие кои одите по патиштата, пејте,

11. покрај извиците на развеселените пастири кај поилата. Нека бидат славени Господовите добротворства и Неговото владеење со Израел! И Господовиот народ слезе на вратата.”

12. ”Разбуди се, Деворо, стани! Стани, запеј песна! Храбро, стани, Вараку, води ги во робје своите поробувачи, сине Авиноамов!”

13. ”Тогаш слезе остатокот од луѓето против благородните: Господ слезе со мене против крепките.

14. Од Ефрема затекоа кон долината, по нив, Венијамин стигна меѓу твоите. Од Махир настапуваат началниците, од Завулон оние што носат заповеднички жезал.

15. Исахаровите кнезови беа со Девора, и Исахар, исто, тргна со Варака, побрза да го стигне во долината. Кај Рувимовите Потоци се советуваат долго.

16. Зошто остана меѓу трлата за да ги слушаш блеењата на стадата? Кај Рувимовите Потоци се советуваа долго.

Прочитајте целосна глава Судии 5