Стар Завет

Нов Завет

Судии 4:12-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Му јавија на Сисара дека Варак, синот Авинеемов, излегол на гората Тавор.

13. Сисара ги собра сите свои бојни коли, девет стотини железни коли, и сите луѓе што ги доведе од незнабожечкиот Аросет до Кисонскиот Поток.

14. Девора му рече на Варака: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!” И Варак слезе од гората Таворсо десет илјади луѓе со себе.

15. Господ ги заплаши Сисара, сите негови бојни коли и целата негова војска, која почна да бега пред Вараковиот меч. Сисара слезе од својата кола и избега пеш.

16. Варак ги гонеше колите и војската сè до незнабожечкиот Аросет. Сета Сисерина војска падна од остар меч, и ниеден човек не избега.

17. Дотогаш Сисара бегаше пеш кон шаторот на Јаила, жената на Кенеецот Хевер, зашто меѓу Јавин, асорскиот цар, и куќата на Кенеецот Хевер беше мир.

18. Јаила му излезе во пресрет на Сисара и му рече: „Застани, господару, дојди кај мене. Не бој се од ништо!” Тој се врати кај неа под шаторот, а таа го покри со покривка.

19. Тој и рече: „Дај ми малку вода, зашто сум жеден.” Таа отвори мев со млеко, го напои и пак го покри.

20. ”Застани при влезот на шаторот - и рече тој, - па ако некој намине и те праша: ‘Дали има некој?’ ти одговори: ‘Нема!’

21. А Јаила, Хеверовата жена, го зеде шаторскиот кол и чук во рацете, му се приближи тивко и му го прикова колот низ слепоочниците така што се закачи во земјата. Тој беше заспал цврсто од исцрпеност, и така умре.

22. И ете, дојде Варак гонејќи го Сисара. Јаила излезе пред него и му рече: „Дојди да ти го покажам човекот кого го бараш.” Тој влезе при неа, и ете - Сисара лежеше мртов, со кол низ слепоочниците.

23. Така Господ го покори, во оној ден, Јавина, ханаанскиот цар, пред Израелците.

24. Раката на Израелевите синови стануваше сè потешка над Јавина, ханаанскиот цар, додека најпосле не го истреби ханаанскиот цар.

Прочитајте целосна глава Судии 4