5. А граѓаните на Гаваја станаа против мене и ноќе ја опкружија куќата во која што бев; сакаа да ме убијат мене, а мојата соложница ја изнасилија така што умре.
6. Затоа ја зедов мртвата соложница, ја исеков на делови и ја испратив во сите краишта на Израелевото наследство, зашто направија беззаконие и срамно дело во Израел
7. Ете, сите вие, Израелеви синови, разгледајте го делото и одлучете тука.”
8. Сиот народ стана како еден човек, говорејќи: „Никој од нас нека не се враќа во својот шатор, никој нека не се враќа во својата куќа!
9. Туку сега ова да и го направиме на Гаваја: ќе фрлиме жрепка;
10. и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе и носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.”
11. И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек.
12. Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас?
13. Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!” Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци.
14. Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците.
15. А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја.
16. Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта.
17. А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сè луѓе свикнати на меч и сè само воини.
18. Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?” - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.”
19. Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја.
20. Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја.
21. А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето.