Стар Завет

Нов Завет

Судии 2:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господов ангел дојде од Галгал во Бохиме и рече: „Ве изведов од Египет и ве доведов во земјата што ви ја ветив, заколнувајќи им се на вашите татковци. Реков: ‘Нема да го раскинам Мојот Завет со вас довека.

2. А вие не склучувајте сојуз со жителите на оваа земја; туку разурнувајте ги нивните жртвеници!’ Но вие не го послушавте Мојот глас. Што направивте!

3. Затоа ви велам: ‘Не ќе ги изгонам пред вас. Туку, тие ќе ве угнетуваат, и нивните богови ќе ви бидат стапица.’”

4. Кога Господовиот ангел им ги кажа тие зборови на сите Израелци, народот извика гласно и заплака.

5. И така, тоа место го нарекоа Бохим, и таму Му принесоа жртви на Господа.

6. Кога Исус го распушти народот, Израелевите синови се разотидоа секој во своето наследство, за да ја земат во сопственост земјата.

7. Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел.

8. Исус, Навиновиот син, Господов слуга, умре на возраст од сто и десет години.

9. Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Арес, во Ефремовата Гора, северно од планината Гаш.

10. А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел.

11. Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите.

12. Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа.

13. Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта.

14. Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват.

15. Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја.

Прочитајте целосна глава Судии 2