Стар Завет

Нов Завет

Судии 19:15-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање.

16. И ете, еден старец се враќаше, пред вечер, од работа во полето. Тоа беше човек од Ефремовата Гора, живееше во Гаваја како придојденик, а сите жители на местото беа Венијаминови синови.

17. Подигајќи ги очите, го виде патникот на градската улица: „Од каде доаѓаш, и каде одиш?”- го праша старецот.

18. А тој му одговори: „Доаѓаме од Јудиниот Витлеем кон Ефремовата Гора, од каде што сум јас. Отидов во Јудиниот Витлеем и се враќам дома; но нема некој за да ме прими кај себе во куќата.

19. Имам и слама и крма за моите ослиња, а и леб и вино за себе, за мојата жена и за момокот, што ме придружува мене, твојот слуга. Имаме сè доста.”

20. ”Мир со тебе и добро ми дојде - одговори старецот. - Моја грижа е за тоа што ти е потребно, само не ноќевај на улица.”

21. И го воведе во својот дом и им даде крма на ослиците. Патниците си ги измија нозете, а тогаш јадеа и пиеја.

22. Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.”

23. Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие.

24. Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.”

25. Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија.

26. Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени.

27. Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот.

28. ”Стани, да си одиме” - и рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома.

29. Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел.

Прочитајте целосна глава Судии 19