Стар Завет

Нов Завет

Судии 19:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во она време кога во Израел уште немаше цар, во Израел живееше еден човек, левит, како придојденик на крајот на Ефремовата Гора. Тој зеде за наложница жена од Јудиниот Витлеем.

2. Откако му се расрди еднаш, неговата наложница го остави и се врати во татковата куќа во Јудиниот Витлеем, и беше таму некое време, околу четири месеци.

3. Нејзиниот маж отиде кај неа за да ја вразуми и за да ја доведе назад; водеше со себе слуга и две ослиња. Додека и приоѓаше на куќата на таткото на младата жена, тестот го забележа и му излезе радосно во пресрет.

4. Тестот, таткото на младата жена, го задржа три дни кај себе, па јадеа, пиеја и ноќеваа.

5. На четвртиот ден поранија; левитот се готвеше да си оди, кога таткото на младата жена му рече на зетот: „Поткрепи се со залак леб, па потоа одете си.”

6. И така седнаа, па двајцата јадеа и пиеја, а тогаш таткото на младата жена му рече на човекот: „ Остани уште ноќеска и нека се развесели твоето срце!”

7. Кога човекот стана да тргне, тестот почна да навалува на него, па тој преноќева уште еднаш таму.

8. На петтиот ден левитот порани да тргне, но таткото на младата жена му рече: „Поткрепи се најнапред!” Така го поминаа времето заедно додека денот не превали.

9. Човекот стана да си оди со соложницата и со слугата, кога тестот, таткото на младата жена, му рече: „Еве денот превали кон вечер, преноќувај тука и повесели се, а утре пораните на пат и ќе се вратиш во твојот дом.”

10. Но човекот нејќеше да преноќева, туку стана и тргна. Така дојде до пред Евус, односно Ерусалим. Со него беа две насамарени ослиња, наложницата и слугата.

11. Кога беа близу Ерусалим, денот веќе многу превали, па слугата му рече на својот господар: „Да влеземе во овој евусејски град и да ноќеваме во него.”

12. Но господарот му одговори: „Нема да влеземе во град на туѓинци, кои не се Израелци, туку ќе одиме до Гаваја.”

13. Уште му рече на слугата: „Ајде, да побрзаме за да стигнеме во некое од тие места - во Гаваја или во Рама.”

14. И поминаа, продолжувајќи го патот. Кога стигнаа пред Венијаминова Гаваја, сонцето заоѓаше.

15. И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање.

Прочитајте целосна глава Судии 19