Стар Завет

Нов Завет

Судии 13:3-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. На таа жена и се јави Господов Ангел и и рече: „Ти си неплодна и немаш раѓано.

4. Но отсега внимавај: да не пиеш ни вино ни жестоки пијалаци, и да не јадеш ништо нечисто.

5. Зашто, ќе заносиш, еве, и ќе родиш син. И брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога - ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците.”

6. Жената отиде и му кажа на мажот: „Божји човек дојде кај мене, лицето му беше како на Божји Ангел, полно со достоинство. Не го прашав откаде дојде, ниту тој ми го кажа своето име.

7. Но ми рече: ‘Ти ќе зачнеш и ќе родиш син. Отсега не пиј вино ни жестоки пијалаци, и не јади ништо нечисто, зашто твоето дете ќе биде Божји Назиреј од мајчината утроба до смртта.’”

8. Тогаш Маној Му се помоли на Господа и рече: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди!”

9. Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа.

10. Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.”

11. Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.”

12. ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?”

13. Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив.

14. Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.”

15. Тогаш Маној му рече на Господовиот Ангел: „Со задоволство ќе те задржиме и ќе те нагостиме со јаре.”

Прочитајте целосна глава Судии 13