Стар Завет

Нов Завет

Судии 1:3-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него.

4. Јуда отиде, и Господ им ги предаде во рацете Ханаанците и Ферезејците, и погубија во Везек десет илјади луѓе.

5. Во Везек го најдоа Адони- Седек, удрија на него, и ги поразија Ханаанците и Ферезејците.

6. Кога Адони-Седек почна да бега, го гонеа, го фатија и му ги отсекоа палците на рацете и нозете.

7. Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре.

8. Потоа Јудините синови војуваа против Ерусалим, го освоија, ги погубија со меч жителите и го изгореа градот.

9. После тоа Јудините синови тргнаа да се борат против Ханаанците, кои живееја во Горјето, во Негев и во Шефел.

10. И Јуда отиде против Ханаанците, кои живееја во Хеврон - на Хеврон некогаш името му беше Киријат Арва - и таму ги поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја.

11. Оттаму отиде против жителите на Давир, што некогаш беше викан Киријат-Сефер.

12. И Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дадам својата ќерка Ахса за жена.”

13. Го зазеде Готонил, син Кенезов, помалиот брат Халевов, и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена.

14. Кога му пријде на мажот, тој ја наговори да бара полиња од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?”

15. Таа му одговори: „Дај ми благослов! Кога ми даде крај во Негев, дај ми тогаш и некои извори.” И Халев и ги даде Горните и Долните Извори.

16. Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците.

17. Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување).

Прочитајте целосна глава Судии 1