поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Рут 3 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Ноемина, нејзината свекрва, и рече: „Ќерко моја, да ти побарам мирно место каде би можела да бидеш среќна?

2. Гледаш, Воз, со чии трудбеници беше, е наш роднина. Еве, тој ќе вее ноќеска јачмен на гумното.

3. Измиј се и намачкај се, облечи се убаво па отиди на гумното. Не оставај да те препознае пред да се најаде и напие.

4. Кога ќе легне, види го местото каде ќе легне; па кога ќе легне, отиди таму, поткрени ја покривката од неговите нозе и легни таму! Тогаш тој ќе ти рече што треба да правиш.”

5. Таа и одговори: „Ќе направам сè како што ми велиш.”

6. И слезе на гумното и направи сè како што и повели свекрвата.

7. А Воз, откако јадеше и пиеше, и така се развесели, отиде и легна покрај стогот. Таа пристапи полека, му ги откри нозете и легна.

8. И околу полноќ, човекот се тргна и се заврте, и ете: жена лежи до неговите нозе.

9. ”Која си?” - праша тој, а таа одговри: „Јас сум Рута, твојата слугинка. Рашири го скутот на твојата облека над твојата слугинка, зашто си ми старател.”

10. ”Господ да те благослови, ќерко моја! - рече - ова твое добро дело што го направи сега е уште подобро од првото, зашто не отиде да бараш млади луѓе, ни богати ни бедни.

11. И затоа, ќерко моја, не плаши се сега; ќе сторам сè за тебе што ќе побараш, зашто сите врати на мојот народ знаат дека си чесна жена.

12. Да, навистина сум ти старател; но има уште поближен од мене.

13. Остани ноќеска, ако утре тој, како старател, сака да те земе, добро, нека те земе; а ако нејќе, ќе те земам јас; жив Господ! Спиј до утрото!”

14. И таа спиеше покрај неговите нозе до утрото. Тој стана пред да може човек човека да препознае, зашто мислеше: „Не треба да знаат дека жена била на гумно.”

15. И и рече: „Дај ја наметката што е на тебе и држи ја добро.” Таа ја придржа а тој и тури шест мери јачмен, па и ја поткрена. И таа отиде во градот.

16. Кога стигна, свекрвата ја праша: „Што е со тебе ќерко моја?” А таа и раскажа сè што сторил човекот за неа.

17. И додаде: „Овие шест мери јачмен ми ги даде, велејќи: ‘Не смееш да се вратиш при свекрвата со празни раце.’”

18. Таа и рече: „Биди спокојна, ќерко моја, додека не видиш што ќе биде: зашто тој нема да има спокојство додека не докрајчи сè уште денес.”