Стар Завет

Нов Завет

Рут 2:9-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.”

10. Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?”

11. Воз и одговори: „Чув што си направила сè за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше.

12. Господ нека ти плати за сè што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!”

13. Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и и проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.”

14. Кога беше време за ручек, Воз и рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!” Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште и остана.

15. Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате.

16. Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не и бранете!”

17. И така дособираше сè до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен.

18. Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и и даде што и остана откако се насити.

19. Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!” Тогаш таа и раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.”

20. Тогаш Ноемина и рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!” И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.”

Прочитајте целосна глава Рут 2