Стар Завет

Нов Завет

Псалми 35:13-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. А јас носев вреќиште, кога тие беа болни ја измачував својата душа со пост, и молитвата ми се враќаше во пазувата.

14. Обиколував тажен, како за пријател, за брат, од тага се наведнав, како оној што жали за мајката.

15. А сега кога се сопнав јас, тие се радуваат, се собраа против мене, за да удрат одненадеж, и непрекратно ме растргнуваат.

16. Со нечесните и потсмешливи безработници, чкртаат со забите на мене.

17. О, Господи! До кога ќе гледаш? Избави ми ја душата од нивните напади, одземи им го на лавовите единственото мое добро!

18. Ќе Ти благодарам во големо собрание, ќе Те славам меѓу многубројни луѓе.

19. Нека не се радуваат над мене неправедните непријатели, нека не намигнуваат со очите оние, што ме мразат без причина.

20. Зашто тие не мислат за мир, туку измислуваат сплетки против мирните во земјата.

21. Широко ги отвораат устите против мене и зборуваат: „Добро, добро, видовме со свои очи!”

22. Господи, Ти гледаш сè! Не премолчувај! Господи, не оддалечувај се од мене!

23. Тргни се, стани да ме одбраниш, Боже мој, Господи, води ја мојата парница.

24. Суди ме Господи, Боже мој, според Твојата правда, нека не се радуваат над мене.

25. Нека не мислат во срцето: „Ни се исполни желбата!” ниту да речат: „Го проголтавме!”

26. Нека се посрамат и засрамат сите заедно, кои се радуваат на мојата несреќа! Нека се облечат во срам и срамење, оние што се креваат против мене!

27. Нека викаат радосно, кои ја посакуваат мојата правда, и нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен! Кој му посакува благодат на Својот слуга!

28. А мојот јазик ќе раскажува за Твојата правда и за Твојата фала, секој ден.

Прочитајте целосна глава Псалми 35