Стар Завет

Нов Завет

Псалми 32:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Давидов псалм. Учење. Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени.

2. Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама!

3. Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден.

4. Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек.

5. Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев.

6. Затоа нека ти се моли секој побожник, кога можеш да бидеш најден; и тогаш потопот на многуте води нема да стигне до него.

7. Ти си мое прибежиште, Ти ќе ме запазиш од тага, ќе ме опкружиш со радоста на спасението.

8. „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе.

9. Не бидете како коњ или мазга без разум; чија дивина ја скротуваш со оглавник и узда, инаку не би се приближиле до тебе!”

10. Безбожникот го измачуваат многу неволји, а кој се надева на Господа, него милост го опкружува.

11. Веселете се во Господа и радувајте се, праведници, викајте радосно сите кои сте со право срце.

Прочитајте целосна глава Псалми 32