Стар Завет

Нов Завет

Псалми 104:3-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. ги изгради Твоите дворци над водите. Ја правиш Својата кола од облаци, патуваш врз крилјата на ветровите.

4. Ги правиш ангелите Свои духови, а вжарениот оган за Твои слуги.

5. Земјата ја постави врз нејзините основи, не ќе се разлулее низ вечни времиња.

6. Ја покри со водени бездни како со облека, водите стоеја над планините;

7. се повлекоа од Твоите заканувања, се стресоа од Твоето грмење.

8. Планините се издигнаа, долините се спуштија, на местото што им го одреди.

9. Ја одреди границата, што не смеат да ја преминат, за да не ја покријат пак земјата.

10. Изворите ги навртуваш во потоци, што шумат меѓу планините.

11. Тие ги напојуваат сите полски животни, дивите ослиња ја гаснат жедта во нив.

12. Небесните птици се гнездат покрај нив, и пеат меѓу гранките.

13. Ти ги натопуваш планините од Твоите дворци, земјата се наситува од плодовите на Твоите раце.

14. Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата.

15. И вино, што го развеселува човечкото срце; да го освежи лицето со масло, и лебот да го зајакне човековото срце.

16. Господовите дрва се наситија со храна, ливанските кедри, што Тој ги посади.

17. Таму се гнездат птиците, а елките се живеалиште на штркот.

18. Високите планини им даваат засолниште на дивите кози, а пештерите на јазовците.

Прочитајте целосна глава Псалми 104