поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Размислував во своето срце за сè тоа и сфатив дека и праведниците и мудреците со своите дела, се во Божјата рака; и човекот не разбира што го чека: љубовта или омразата, и двете се пред него.

2. Кобта е иста за сите: за праведниот како и за нечесниот, за чистиот и за нечистиот; за оној кој жртвува како и за оној што не жртвува; еднаква за добриот и за грешниот; за оној што се заколнува како и за оној што се бои од заклетва.

3. Најлошто од сè што се збиднува под сонцето е следното: кобта е иста за сите, човечкото срце е полно со зло, лудоста е во срцата на луѓето додека живеат, а потоа им се придружуваат на мртвите.

4. Зашто оној кој е меѓу живите, има надеж: и живиот пес повеќе вреди отколку мртов лав.

5. Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив.

6. Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и зависта, и веќе немаат учество во нешто што станува под сонцето.

7. Затоа јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце, зашто на Бога веќе порано Му се допадна твоето дело.

8. Носи бела облека во секое време и нека не снема масло на твојата глава.

9. Уживај го животот со жената која ја љубиш во сите денови на својот суетен век што Бог ти го дава под сонцето, зашто тоа е твое учество во животот и во трудот со кој се трудиш под сонцето.

10. Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш, зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш.

11. Освен тоа видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта ги достигнува сите.

12. Човекот не го знае својот час: како рибите уловени во подмолна мрежа, и како птиците фатени во примка, така се фаќаат човечките синови во времето на неволја, што ги опфаќа ненадејно.

13. Уште ја видов под сонцето и оваа „мудрост”, што ми се виде голема:

14. Беше еден мал град и малку луѓе во него, а на него удри голем цар, го опкружи и подигна околу него големи опсадни стражарници.

15. Но во него се најде мудар сиромав, кој го спаси градот со својата мудрост, а после никој не си спомнуваше за тој човек.

16. Сепак јас велам: подобра е мудроста отколку јачината, но не се цени мудроста на сиромавиот и не се слушаат неговите зборови.

17. Тивките благи зборови на мудрецот се слушаат подобро отколку викотницата на заповедникот над глупците.

18. Мудроста вреди повеќе отколку военото оружје, но еден единствен грешник расипува многу добри нешта.