Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 7:5-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Подобро е да се слуша укорот на мудриот човек, отколку да се слуша пеењето на безумните.

6. Зашто смеата на глупиот е како крцкањето на трњето под котел, и тоа е суета.

7. Угнетувањето ги прави мудрите - безумни, а поткупите го расипуваат срцето.

8. Подобар е крајот на работата отколку нејзиниот почеток, и подобро е трпението од гордоста.

9. Не брзај со гнев, зашто гневот почива во срцето на глупиот.

10. Не прашувај зошто некогашните времиња биле подобри од овие, зашто тоа не е мудро прашање.

11. Мудроста е како скапоцено наследство и полезна е за оние врз кои свети сонцето.

12. Бидејќи како што се сребрениците заштита, така е и мудроста; но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има.

13. Погледај ги Божјите дела; кој може да го исправи она што Тој го искривил?

14. Уживај ја среќата во среќен ден а размислувај во лош ден: Бог го создаде едното како и другото, за да не открие човекот ништо од својата иднина.

15. Сè видов во својот суетен живот; праведниот пропаѓа и покрај својата праведност, а безбожникот живее и натаму и покрај својата безбожност.

16. Не биди преправеден и не замислувај се дека си премудар; зошто да се уништуваш?

17. Не биди прелош, и не биди безумен; зошто да умреш пред времето?

18. Добро е да се придржуваш за едното, но ни другото не го испуштај од раката, зашто кој се бои од Бога, се избавува од сè.

19. Мудроста на мудрецот му дава поголема сила на градот, отколку десет градоначалници.

Прочитајте целосна глава Проповедник 7