Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 3:12-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели и да прави добро за време на својот живот.

13. И кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар.

14. И знам дека сè што прави Бог, останува довека. На тоа не може ништо да му се додаде, ниту може да му се одземе; а Бог прави така за да имаат стравопочитување од Него.

15. Што суштествува, веќе било, и што ќе биде, веќе суштествувало; а Бог го обновува она што помина.

16. Уште гледам дека под сонцето: местото на судот, а таму - беззаконие и место правда - таму неправда.

17. Реков во своето срце: „Бог ќе им суди и на праведникот и на злосторникот зашто тука има време за секакво нешто и за секое дело:

18. реков во своето срце: „Луѓето се однесуваат така, што Бог може да покаже какви се навистина, дека се едни за други како ѕверови,”

19. Зашто навистина, кобта на луѓето и ѕверовите е една и иста. Како гинат едните, така гинат и другите; и дишат со еднаков здив, и човекот со ништо не го надминува ѕверот, зашто сè е суета.

20. И едните и другите заминуваат на исто место; сите станаа од прав и се враќаат во правот.

21. Кој знае дали човечкиот дух се искачува горе, а духот на ѕверот слегува долу во земјата?

22. Согледувам дека нема друга среќа за човекот освен радоста во своето дело, зашто тоа му припаѓа, а кој ќе го доведе до тоа да дознае што ќе биде после него?

Прочитајте целосна глава Проповедник 3