поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Зборови на Проповедникот, Да-видовиот син, царот во Ерусалим.

2. ”Суета над суетите, вели Проповедникот, суета над суетите, сè е суета!”

3. Каква му е ползата на човекот од сиот негов труд, со кој се труди под сонцето?

4. Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува секогаш.

5. Сонцето изгрева, сонцето заоѓа и тогаш брза кон своето место откаде изгрева.

6. Ветерот дува кон југ, и се свртува кон север, виори сега наваму сега натаму, и се враќа во нов виор.

7. Сите реки течат во морето, и морето не се преполнува; од каде што течат реките, таму се враќаат за да го почнат повторно својот тек.

8. Сè е мачно. Никој не може да рече дека очите се нагледаа до насита и дека ушите се наслушале достатно.

9. Што било, пак ќе биде, и што се правело, пак ќе се прави, и нема ништо ново под сонцето.

10. Има ли нешто за што би можело да се рече: „Ете, ова е ново!” Сè суштествуваше дамно пред нас.

11. Само, од минатото не остана ни спомен, како што ни во иднината не ќе има сеќавање за она што ќе дојде после.

12. Јас, Проповедникот, бев цар над Израел во Ерусалим.

13. И го насочив срцето за да истражам и да доловам со мудроста сè што се збиднува под небото; о, колку тешка задача им зададе Бог на човечките синови, за да се трудат со неа.

14. Видов сè што се прави под сонцето: каква ли суета и тежина на духот!

15. Што е криво не може да се исправи; тоа што го нема, не може да се изброи.

16. Јас зборував со своето срце и реков: „Ете, придобив поголема мудрост од кој и да е од моите предходници во Ерусалим. Моето срце научи голема мудрост и знаење.”

17. Внимателно ја проучив мудроста а така и глупоста и лудоста, но сознав дека тоа е гониветер.

18. Многу мудрост - многу јад; што повеќе знаење, тоа повеќе болки.