Стар Завет

Нов Завет

П.надпесн. 5:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои!

2. Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.”

3. „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?”

4. Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него.

5. Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката.

6. Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва.

7. Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите.

8. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов.

9. „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нè заколнуваш така?”

10. Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други.

11. Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран.

Прочитајте целосна глава П.надпесн. 5