поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

П.еремиин 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Како потемне златото, тоа суво злато! Светото камење се истури по аглите на сите улици.

2. Сионските синови, некогаш ценети како најчисто злато, ах! сега ги ценат како глинени садови, како дело на грнчаревите раце!

3. Па и шакалите ги подаваат градите и ги дојат младите, но ќерките на мојот народ станаа сурови како ноеви во пустината.

4. Јазикот на доилчето се лепи за непцето од жед. Децата пиштат за леб, а никој да им го даде.

5. Оние, кои некогаш се сладеа со избрани јадења гниат по улиците; некогаш носени во црвено сукно сега се тркалаат по буништето.

6. Поголем беше гревот на Ќерката на мојот народ отколку гревот на Содом, што во миг на окото беше разурнат, а ничија рака не се дигна против него.

7. Нејзините младинци беа некогаш почисти од снегот, побели од млекото, порумени од корал им беа телата, лицето мазно како сафир.

8. Сега образот им е поцрн од саѓите, не се препознаваат веќе на улица. Кожата им се лепи за коските, сува како дрво.

9. Како се среќни оние што мечот ги прободе, посреќни од оние, кои ги умртви гладот; кои паѓаат исцрпени, зашто им недостигаат земјините плодови.

10. Рацете на жените со меко срце ги вареа своите деца, се хранеа со нив во времето на пропаста на Ќерките на мојот народ.

11. Господ го засити Својот бес, ја излеа својата јаросна расрденост, раздува на Сиои оган, што ги изгорува и самите негови основи.

12. Не веруваа земните цареви ни вкупното население на земјата дека угнетувачот и непријателот ќе влезат низ ерусалимската врата.

13. Заради гревот на своите пророци, заради беззаконието на свештениците, кои сред градот ја пролеваа крвта на праведниците!

14. Бладаа како слепи по улиците, извалкани со крв, та никој не смееше да се допре до нивната облека.

15. Отстапете нечисти! - им викаат. Отстапете! Не допирајте се!” И тие си заминаа смутени; а меѓу народот говореа: „Подобро е да ги нема! „

16. Господовото лице ги распрсна, Тој веќе не ги гледаше. Не ги почитуваат веќе свештениците, не ги сожалуваат старците.

17. Очите веќе ни потемнеа, чекајќи помош но напразно! од нашите стражарници, гледајќи во далечина, го чекавме народот, кој не можеше да нè спаси.

18. Не дебнат при чекорите за да не одиме по своите раскрсници. Ни се ближи крајот, ни се исполнија деновите, доаѓа нашиот крај.

19. Нашите гонители беа побрзи од орлите на небото; нè гонеа во планината, нè пречекуваа во заседа во пустината.

20. Нашиот животен здив, Господовиот помазамик, падна во нивните јами - тој за кого што зборувавме: „Во неговата сенка ќе живееме меѓу народите.”

21. Радувај се и весели се, Едомска ќерко, Ти, која што живееш во земјата Уз! Чашата ќе дојде и до тебе, ќе се испијаниш и ќе се разголиш.

22. Твојот грев е искупен, Сионска ќерко, веќе не ќе те водат во прогонство. Ќе го казнат твоето беззаконие, Едомска ќерко, ќе ги откријат твоите гревови.