Стар Завет

Нов Завет

П.еремиин 2:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Како со мрак ја покри Господ во Својот гнев Сионската Ќерка. Од небо на земја ја фрли Израелевата слава ! И не си спомна за Своето подножје во денот на Својот гнев!

2. Господ ги сотре без милост сите Јаковови живеалишта, во Својот гнев ги разурна тврдините на Јудината ќерка; со земјата ги срамни и ги проколна царството и неговите кнезови.

3. Во Својот распламтен гнев ја скрши сета Израелева сила, ја повлече Својата десница пред непријателот; во Јакова раздува огнен пламен што изгорува сè наоколу.

4. Го оптегна лакот како непријател, ја испружи десницата како враг, убивајќи сè што беше мило за очите. Врз шаторот на Сионската ќерка го истури како оган Својот разјарен гнев.

5. Господ беше како непријател: го истреби Израел, ги разурна неговите дворци, ги сруши неговите тврдини, и ги намножи на Јудината ќерка воздивнувањата и ридањето.

6. Му ја разурна сеницата како на градина, му го разруши местото на состанокот. Господ ги фрли во заборав прославите и саботите на Сион; во Својот гнев ги презре царот и свештеникот.

7. Господ го отфрли Својот жртвеник, Му се згади Неговото Светилиште. Во рацете на непријателот ги предаде своите ѕидови и дворци. Бучеа во Господовиот Дом како на празничен ден.

8. Господ науми да ги разурне ѕидовите на Сионската Ќерка. Го оптегна јажето за мерење, не ја задржа раката од рушење. Предните ѕидови и ѕидовите, ги завитка во тага:

9. Нивната врата пропадна во земјата, тој им ги скрши бравите; царот и кнезовите се меѓу народите, нема Закон! Ни кај пророците веќе не се наоѓаат Господовите виденија.

10. Старешините на Сионската Ќерка седат на земја и молчат, ја посипуваат главата со прав, препашуваат вреќишта. Кон земјата ги наведнуваат главите Ерусалимските Ќерки.

11. Ми истекоа очите од солзи, мојата утроба се растрепери, црниот дроб ми се истури на земја заради сломот на ќерката на мојот народ, зашто децата и доенчињата умираат по раскрсниците на градот.

12. Им зборуваат на своите мајки: „Каде се лебот и виното?” Додека умираат како ранети по раскрсниците на градот, додека ја испуштаат својата душа на градите на своите мајки.

13. Со што да те споредам? На кого личиш, Ерусалимска Ќерко? Со кого да те споредам, како да те утешам, девице, Сионска Ќерко? Зашто твојата несреќа е неизмерлива како морето. Кој ќе те исцели?

Прочитајте целосна глава П.еремиин 2