поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14

Стар Завет

Нов Завет

Осија 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Не радувај се, Израелу, не воскликнувај како другите народи; му се предаде на блудството, зашто, откако го остави Својот Бог, ја засака блудничката плата по сите гумна.

2. Ни гумното ни кацата не ќе ги хранат, и младото вино ќе ги измами.

3. Не ќе живеат веќе во Господовата Земја, Ефрем ќе се врати во Египет и ќе јадат нечисти јадења во Асир.

4. Не ќе Му налеваат веќе вино на Господа, ниту ќе Му ги принесуваат своите жртви; лебот ќе им биде како леб на жалост, и ќе биде нечист кој ќе го јаде; зашто нивниот леб е само за нив, нема да влезе во Господовиот Дом.

5. Што ќе правите во празничен ден, во денот на Господовиот собир?

6. Зашто, еве како отидоа пред запустувањето; Египет ќе ги прифати, Мемфис ќе ги погребе, копривата ќе ги наследи нивните сребрени блага, нивните шатори ќе зарастат во трње.

7. Дојдоа деновите на казната! Дојдоа деновите на одмаздата! Израел нека знае! Пророкот е луд, вдахновениот блада! Заради твоето големо беззаконие и заради големата омраза.

8. Ефрем е стражар покрај Мојот Бог; пророкот - стапица за птици на сите негови патишта, соблазна - во куќата на неговиот Бог.

9. Паднаа во длабока расипаност како во деновите на Гаваја; Господ ќе си спомне за нивните беззаконија и ќе ги казни нивните гревови.

10. Го најдов Израел како грозје во пустината, ги видов вашите татковци како ран плод на смоквата; тие дојдоа во Вел Фегор, му се посветија на срамот и станаа грозотии како нивните љубимци.

11. Ефремовата слава одлета како птица: од раѓањето, од утробата, од зачнувањето.

12. Но иако ги одгледаат своите синови, ќе ги одземам пред добата на мажеството, да, тешко им ним кога ќе ги оставам!

13. Ефрем е како да го гледам Тир посаден во нива, но Ефрем ќе ги води своите деца на колење.

14. Дај им, о Господи! А што да им дадеш? Дај им утроба што не раѓа, исушени гради.

15. Во Галгал е сета нивна злоба, таму ги замразив. Заради нивните лоши дела, ќе ги истерам сите од Својата куќа, не ќе ги љубам веќе, сите кнезови им се одметници.

16. Ефрем е поразен, им се исуши коренот; не ќе има род. И ако им се родат деца, ќе им го умртвам милиот плод на утробата.

17. Мојот Бог ќе ги отфрли зашто не Го послушаа; и ќе скитаат меѓу народите.