поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14

Стар Завет

Нов Завет

Осија 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кажете им на своите браќа: Народу Мој, на своите сестри: Помилувана.

2. Поднесете тужба, поднесете, против својата мајка, зашто таа не ми е жена, а Јас веќе не сум и маж. Нека ги отфрли блудствата од себе и прељубата меѓу своите дојки,

3. за да не ја свлечам гола та да направам да биде како на денот на своето раѓање; за да не ја претворам во пустина, за да не ја претворам во сува земја и за да не ја поморам со жед.

4. Јас нема да и ги милувам децата, зашто тоа се блуднички деца.

5. Да, нивната мајка му се предаде ма блудството, се срамеше она која ги зачна. Да, рече: Ќе трчам по своите љубовници, по нив кои ми ги даваат мојот леб и водата, мојата волна и ленот, маслото и мојот пијалак.

6. Заради тоа ќе и го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки.

7. И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега.

8. И таа не разбра дека Јас и давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала.

9. Затоа ќе го земам назад своето жито во Свое време и Своето вино во вистински час; ќе ги одземам Својата волна и Својот лен со кои требаше да ја покрива својата голота;

10. сега ќе и го откријам срамот пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака.

11. Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници.

12. Ќе и ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.” Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат.

13. Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ.

14. Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце.

15. И таму ќе и ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет.

16. Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,” а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.”

17. Ќе и ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата.

18. Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа.

19. Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост;

20. ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа.

21. Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата;

22. земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел.

23. И ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ја замилувам непомилуваната и ќе му речам на Не-Мој-Народот: „Ти си Мој народ!” а тој ќе рече: „Боже мој!”