поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Малахија 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Пророштво. Господово слово до Израел преку Малахија.

2. „Ве љубев вас - зборува Господ, а вие прашувате: ‘ Во што нè љубеше?’ Не беше ли Исав брат Јаковов? - говори Господ -

3. но го возљубив Јакова, а Исава го замразив: му ги претворив градовите во пустина, а неговото наследство им го дадов на пустинските шакали.”

4. Зашто, ако Едом рече: „Бевме здробени, но пак ќе ги подигнеме урнатините!” Господ над Војските говори вака: „Тие нека градат, а Јас ќе разградувам! Ќе ги наречат безбожничка земја и народ, на кого Господ се срди довека!

5. Вашите очи ќе видат, и ќе речете: ‘ Господ да се возвеличи, преку границите на Израелевата Земја.’

6. Синот го почитува таткото, а слугата господарот. Но ако Сум Јас Татко, каде е почитувањето кон Мене? Ако Сум Господар, каде е стравот од Мене? Тоа ви говори Господ над Воинствата вам, свештеници, кои го презирате Моето име, а прашувате: ‘ Со што го презревме Твоето име?’

7. Принесувате обесветен леб врз Мојот жртвеник и уште прашувате: ‘ Со што Те обесветивме?’ Со тоа што велите: ‘ Господовиот стол е неважна работа!’

8. А кога за жртва принесувате слеп добиток, зар тоа не е зло? И кога принесувате хромо и болно зар тоа не е зло? Донеси му нешто такво на својот намесник, дали ќе биде задоволен и дали ќе те прими добро? - говори Господ над Воинствата.

9. Сега, помолете се на Бога за да ни се смилува. Тоа го донесуваат вашите раце, дали ќе ве прими добро? - зборува Господ над Војските.

10. О, кога некој од вас би ја затворил вратата, за да не Ми палите напразно оган врз жртвеникот! Не сте Ми мили - говори Господ над Воинствата - и не примам жртва од вашите раце.

11. Зашто од исток до запад, велико ќе биде Моето Име меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва на Моето Име меѓу народите - говори Господ над Воинствата.

12. Но, вие го осквернувате кога зборувате: ‘ Господовиот стол не е почитуван и храната врз него не е за ништо!’

13. Уште велите: ‘ Ете штета на трудот!’ и го презирате - говори Господ над Војските. Кога доведувате ограбена, хрома и болна стока, та ја принесувате како жртвен дар, зар да го примам тоа милостиво од вашата рака? - говори Господ над Воинствата.

14. Проклет да е измамникот, кој во стадото има овен, што Ми го заветувал, а Ми жртвува јалова овца. Зашто Јас Сум Велик Цар - зборува Господ над Воинствата. - и Моето Име е страшно меѓу народите.