Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 8:19-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. А Мојсеј го закла и го попрска со крвта жртвеникот од сите страни.

20. Откако го исече овенот на делови, Мојсеј ги изгоре главата, деловите и лојот.

21. Во вода ги изми внатрешноста и нозете па го изгоре целиот овен на жртвеникот. Тоа е паленица за пријатен мирис - жртва палена на Господа - како што Господ му заповеда на Мојсеја.

22. Потоа доведе друг овен, овен за жртва за посветување. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот.

23. Мојсеј го закла, ја зеде неговата крв и ја стави на крајот на Ароновото десно уво, на палецот на неговата десна рака и на големиот прст на неговата десна нога.

24. Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови, па им стави од истата крв на крајот на нивното десно уво, на палецот на десната рака и на големиот прст на десната нога.

25. Па ги зеде: лојот, опашката, лојот што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој - и десната плешка;

26. а од кошницата со пресни бесквасни лебови, што стоеше пред Господа, зеде една бесквасна погача, една кора со масло и еден колак и ги постави врз лојот и десната плешка.

27. Сето тоа го положи во Ароновите раце и во рацете на неговите синови, па го принесе тоа како вртен принос пред Господа.

28. И Мојсеј пак го зеде тоа од нивните раце и го изгоре на жртвеникот со паленицата; тоа беше жртва за посветување, за пријатен мирис, палена жртва на Господа.

29. Најпосле Мојсеј ги зеде градите и ги принесе како движен принос пред Господа: тоа беше Мојсеев дел од овенот за посветување, како што Господ му заповеда на Мојсеја.

30. Потоа Мојсеј зеде масло за помазание и од крвта што беше на жртвеникот, па ги попрска Арона и неговите облеки, а така и неговите синови и нивните облеки. Така ги посвети Арона и неговите облеки; неговите синови и нивните облеки.

31. Тогаш Мојсеј им рече на Арона и на неговите синови: „Сварете го месото при влезот на Шаторот на средбата и јадете го таму со лебот што е во кошницата за жртвата за посветување, како што наредив: нека го јадат Арон и неговите синови!

32. А што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го во оган.

33. Седум дни не одете си од влезот на Шаторот на средбата до денот кога ќе се исполни времето за вашето посветување. Зашто се потребни седум денови за вашето посветување.

34. Како што се правеше денес, Господ нареди да се работи така и натаму за ваше покривање на гревот.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 8