Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 4:13-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. ‘Ако целата израелска заедница згреши од незнаење, сторувајќи нешто што Господ го забранил па ако така станат виновни, а не се свесни за вината,

14. тогаш, кога ќе се дознае за сторениот престап, општеството нека принесе еден јунец како жртва за грев. Нека го доведат пред Шаторот на средбата.

15. Тука, пред Господа, старешините на заедницата нека ги положат своите раце на главата на јунецот. И нека го заколат јунецот пред Господа.

16. А помазаниот свештеник нека донесе од крвта на јунецот во Шаторот на средбата;

17. свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и нека ја попрска седумпати предната страна на завесата, пред Господа.

18. Потоа нека стави крв на роговите на жртвеникот што се наоѓа пред Господа во Шаторот на средбата. Сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа на влезот во Шаторот на средбата.

19. Нека го извади од него сиот лој и нека го изгори на жртвеникот.

20. Нека направи со јунецот како што стори и со оној што беше принос за грев - така нека направи и со него. И откако свештеникот ќе направи покривање за нивниот гревот, ќе им биде простено.

21. Нека го однесе јунецот надвор од логорот и нека го изгори како што го изгоре и првиот јунец. Тоа е жртва за грев на општеството.’

22. ‘Ако кнез згреши од незнаење и направи нешто што Господ, неговиот Бог, го забранил и така стане виновен,

23. тогаш, кога ќе го известат за престапот што го сторил нека донесе како свој принос машко јаре без недостаток.

24. Откако ќе ја положи својата рака на главата на јарето, нека го заколе на местото каде се коле паленица пред Господа. Тоа е жртва за грев.

25. Свештеникот нека земе со својот прст крв од приносот за грев, па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 4