Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 26:30-42 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. Ќе ги разурнам вашите возвишени места; ќе ги разрушам вашите столбови и ќе ги фрлам вашите трупови врз вашите искршени гнасни идоли, и ќе се згнаси душата Моја од вас.

31. Ќе ги претворам вашите градови во урнатини; ќе ги запустам вашите светилишта; и не ќе го мирисам повеќе вашиот благопријатен мирис.

32. Јас ќе ја претворам земјата во пепелиште, така што вашите непријатели кои ќе се населат во неа, ќе се вчудоневидат над неа.

33. Вас ќе ве распрснам по народите; ќе извлечам меч од зад вас, така што вашата земја ќе биде претворена во пустина, а градовите во урнатини.’

34. ‘Тогаш земјата ќе ги задоволи своите саботи за целото време, додека биде пуста и додека вие ќе бидете во земјата на вашите непријатели. Земјата ќе се одмори тогаш и ќе може да ги задоволи своите саботи.

35. Сè додека биде пуста, ќе има починка, што не ја имаше во времето на вашите саботи додека вие живеевте во неа.

36. А на оние од вас што ќе останат во живот по земјите на нивните непријатели, ним ќе им натерам страв во срцето. Шумот на листот што трепери ќе ги гони во бегство. Ќе бегаат како што се бега од меч; ќе паѓаат иако никој не ќе ги гони.

37. Ќе се сопнуваат еден од друг како кога се бега пред меч, иако никој нема да ги гони. Не ќе се одржите пред вашите душмани;

38. ќе изгинете меѓу народите - ќе ве голтне земјата на вашите непријатели.

39. А кој ќе преживее од вас, ќе венее во земјата на вашите непријатели заради своите беззаконија; ќе венеат и заради беззаконијата на своите татковци.’

40. ‘Тогаш ќе ги признаат своите беззаконија и беззаконијата на своите татковци што ги направија против Мене со престапите, зашто Ми се противеа.

41. И Јас требаше да им се спротивставам ним и да ги воведам во земјата на нивните непријатели. Тогаш, најпосле, ќе се понизи нивното закоравено срце и тогаш тие ќе трпат мака за своите беззаконија.

42. Тогаш Јас ќе се сетам за Мојот Завет со Јакова и за Мојот Завет со Исака, ќе си спомнам за Мојот Завет со Авраама - ќе си спомнам за земјата.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 26