Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 26:13-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Јас, Господ, вашиот Бог, ве изведов од Египетската Земја за да не бидете повеќе робови; ги скршив врските на вашиот јарем и направив да одите исправени.’

14. ‘Но ако не Ме послушате, и ако не ги исполните сите овие Мои заповеди;

15. ако ги отфрлите Моите закони, ако ги изгазите Моите наредби и ако го нарушите Мојот Завет, не исполнувајќи ги сите Мои заповеди,

16. еве, како ќе постапам со вас: ќе ви испратам ужас, изнемоштеност и треска што ги расипуваат очите и што ја измачуваат душата. Напразно ќе ги сеете вашите посеви - вашите непријатели ќе се хранат од нив.

17. Јас ќе го свртам Моето лице од вас, и вашите непријатели ќе ве убиваат. Оние што ве мразат ќе господарат над вас. Ќе бегате и тогаш кога никој не ќе ве гони.

18. Па ако не Ме послушате и покрај тоа, Јас ќе ве казнувам седумкратно за вашите гревови.

19. Јас ќе ја скршам гордоста на вашата сила. Небото ќе го направам како железо, а вашата земја како бакар.

20. Напразно ќе се троши вашата сила. Земјата не ќе ви го дава повеќе својот род, ниту дрвата на земјата ќе ги донесуваат своите плодови.’

21. ‘Ако се противите уште и натаму, ако не сакате да Ме послушате седумкратно ќе ги зголемам врз вас раните за вашите гревови.

22. Ќе ги пуштам горските ѕверови на вас за да ве лишат од децата, за да ви го издават добитокот и ќе ве намалат, така што патиштата ќе ви запустат.’

23. ‘Ако и тоа не ве поправи, па ако продолжите со живеењето што Ми се противи,

24. тогаш и Јас ќе ви се спротивам вам и Самиот ќе ве удрам седумкратно за вашите гревови.

25. Ќе доведам меч на вас, нека се искали со одмазда за Заветот. А кога ќе се соберете во вашите градови, ќе испратам помор на вас, и ќе бидете предадени во рацете на непријателот.

26. А кога ќе ви го прекратам снабдувањето со леб; десет жени ќе ви печат леб во една печка; ќе ви дадам леб со мерка. Ќе јадете, но нема да бидете сити.’

27. ‘Ако и после тоа не Ме послушате, туку Ми се спротивставувате и натаму,

28. и Јас ќе ви се спротивставувам - ќе ве казнам седумкратно за вашите гревови.

29. Ќе јадете месо од вашите синови, ќе јадете месо од вашите ќерки.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 26