Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 25:35-54 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

35. ‘Ако твојот брат осиромаши и е без средства при тебе; помагај го, како да е странец или гостин, за да може да живее со тебе!

36. Не земај од него ни камата ни печалба. Бој се од својот Бог, и твојот брат нека живее со тебе.

37. Не давај му сребро на заем со камата, ниту му ја давај твојата храна за печалба.

38. Јас, Господ, вашиот Бог, ве избавив од Египетската Земја за да ви ја дадам Ханаанската Земја и за да бидам ваш Бог.’

39. ‘Ако осиромаши твојот брат, кај тебе, и ако ти се продаде, не присилувај го да ти служи како роб.

40. Нека биде кај тебе како наемник или надничар. Нека служи кај тебе до јубилејната година.

41. Тогаш ослободи го да си отиде од кај тебе; самиот и неговите деца со него; нека се врати во својот род и пак нека ја земе својата дедовина.

42. Затоа што тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската Земја; не смеат да бидат продавани како робови.

43. Не постапувај грубо со нив и бој се од твојот Бог!

44. А ако сакаш да имаш робови и робинки, можете да ги купите, и машки и женски, од народите што се околу вас.

45. Можете да ги купувате и од придојдениците, кои се населени меѓу вас; од нивните семејства што живеат со вас и што се родени во вашата земја. Таквите можат да станат ваша сопственост.

46. Нив можете да им ги предавате во наследство на вашите деца, за да ги наследат за секогаш во сопственост. Кон нив можете да постапувате како кон робови. Но кон своите браќа, Израелевите синови, никој не смее да господари со жестокост.’

47. ‘Ако туѓинецот или придојденикот, кој живее со тебе, се збогати, а твојот брат осиромаши кај него, па ако му се продаде на странецот, кој живее со тебе, или на кој и да е потомок на семејството на придојденикот;

48. тој може да биде откупен и по продавањето. Нека го откупи некој од неговите браќа;

49. или, нека го откупи неговиот стрико, неговиот роднина или кој и да е од неговото семејство од неговата крв. Или, ако има средства нека се откупи сам.

50. Нека го пресмета времето, со својот купувач, од годината кога му се продал до јубилејната година. Цената на неговото ослободување нека биде според бројот на годините. Времето што го поминал кај својот купувач нека се процени како време на еден наемник.

51. Ако остануваат уште многу години, нека исплати за својот откуп сребро, сразмерно на цената со која бил купен.

52. А ако остануваат само неколку години до јубилејната година, нека пресмета и нека исплати за својот откуп според годините на службата.

53. Нека биде при него како наемник, во сите години. Тој не смее да господари над него со жестокост, пред твоите очи.

54. Ако не биде откупен вака; тогаш, тој и неговите деца, со него, нека си отидат во јубилејната година;

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 25