Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 25:20-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Ако речете: „Со што ќе се храниме во седмата година, кога не ќе сееме, ниту ќе собираме плодови?”

21. Јас ќе го испратам Мојот благослов на вас: шестата година ќе роди за три години.

22. Кога ќе сеете во осмата година, ќе се храните со стари плодови до деветтата година. Додека не дојдат нејзините плодови, ќе јадете стари.

23. Земјата не смее да биде продадена за секогаш, зашто земјата Ми припаѓа Мене, додека вие сте само странци и гости кај Мене.

24. Затоа во секој крај каде што имате земјишна сопственост, треба да дозволите откупување на земјата.’

25. ‘Ако твојот брат осиромаши и ако продава од својата татковина, нека дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи она што го продава неговиот брат.

26. Ако нема некого да ја откупи, а после и самиот стане имотен и спечали средства за да ја откупи,

27. нека ги изброи годините од продавањето, нека му исплати на купувачот износ за другото време и нека се врати на своето наследство.

28. Ако нема средства за да ја откупи, тогаш продаденото нека остане во рацете на купувачот до јубилејната година. А кога ќе стапи во јубилејот, нека се врати на својата таткова земја.’

29. ‘Ако некој продаде куќа за живеење во град, заграден со ѕид, може да ја откупи додека не се наполни година по продавањето; и така, откупниот рок нека е една година.

30. Ако не ја откупи во рок од една година, тогаш куќата, во градот заграден со ѕид, им останува за секогаш на купувачот и на неговите потомци; нека не се враќа ни при прославата.

31. Но куќите по селата, што немаат ѕидови околу себе, нека се сметаат како недвижен имот во полето; можат да бидат откупувани. Во јубилејот купувачот треба да излезе од нив.

32. Куќите што се во левитските градови им припаѓаат на левитите; левитите можат да ги откупуваат во секое време.

33. Ако некој левит не се послужи со своето право за откуп, тогаш куќата што ќе биде продадена, во градот на неговата сопственост, ќе му биде вратена во прославата. Зашто кај Израелците куќите во градовите на левитите се нивна сопственост.

34. Неизградената земја околу нивните градови не може да биде продадена, зашто таа е нивна сопственост за сите времиња.’

35. ‘Ако твојот брат осиромаши и е без средства при тебе; помагај го, како да е странец или гостин, за да може да живее со тебе!

36. Не земај од него ни камата ни печалба. Бој се од својот Бог, и твојот брат нека живее со тебе.

37. Не давај му сребро на заем со камата, ниту му ја давај твојата храна за печалба.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 25