Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 25:15-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Купувај од својот ближен, откако ќе го одбиеш бројот на годините на прославата; а тој нека ти продава според бројот на годините на плодособирањето.

16. Колку повеќе години, зголеми ја цената; колку помалку години, и цената нека биде помала. Зашто, она што тој ти продава е број на едногодишни полски приходи.

17. Нека никој од вас не му нанесува штета на својот сонародник; туку бој се од твојот Бог! Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог!’

18. ‘Исполнувајте ги Моите закони и Моите наредби; спроведувајте ги верно на дело па ќе живеете безопасно на земјата.

19. Земјата ќе го дава својот род, ќе јадете до наситка и ќе живеете спокојно.

20. Ако речете: „Со што ќе се храниме во седмата година, кога не ќе сееме, ниту ќе собираме плодови?”

21. Јас ќе го испратам Мојот благослов на вас: шестата година ќе роди за три години.

22. Кога ќе сеете во осмата година, ќе се храните со стари плодови до деветтата година. Додека не дојдат нејзините плодови, ќе јадете стари.

23. Земјата не смее да биде продадена за секогаш, зашто земјата Ми припаѓа Мене, додека вие сте само странци и гости кај Мене.

24. Затоа во секој крај каде што имате земјишна сопственост, треба да дозволите откупување на земјата.’

25. ‘Ако твојот брат осиромаши и ако продава од својата татковина, нека дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи она што го продава неговиот брат.

26. Ако нема некого да ја откупи, а после и самиот стане имотен и спечали средства за да ја откупи,

27. нека ги изброи годините од продавањето, нека му исплати на купувачот износ за другото време и нека се врати на своето наследство.

28. Ако нема средства за да ја откупи, тогаш продаденото нека остане во рацете на купувачот до јубилејната година. А кога ќе стапи во јубилејот, нека се врати на својата таткова земја.’

29. ‘Ако некој продаде куќа за живеење во град, заграден со ѕид, може да ја откупи додека не се наполни година по продавањето; и така, откупниот рок нека е една година.

30. Ако не ја откупи во рок од една година, тогаш куќата, во градот заграден со ѕид, им останува за секогаш на купувачот и на неговите потомци; нека не се враќа ни при прославата.

31. Но куќите по селата, што немаат ѕидови околу себе, нека се сметаат како недвижен имот во полето; можат да бидат откупувани. Во јубилејот купувачот треба да излезе од нив.

32. Куќите што се во левитските градови им припаѓаат на левитите; левитите можат да ги откупуваат во секое време.

33. Ако некој левит не се послужи со своето право за откуп, тогаш куќата што ќе биде продадена, во градот на неговата сопственост, ќе му биде вратена во прославата. Зашто кај Израелците куќите во градовите на левитите се нивна сопственост.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 25