Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 24:8-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Во секоја сабота, постојано, нека бидат положувани пред Господа од Израелевите синови: тоа е вечен Завет.

9. Нека им припаднат на Арона и на неговите синови, кои ќе ги јадат на свето место; зашто тоа е пресвето за нив од Господовите жртви: тоа е вечна одредба.”

10. А синот на една Израелка, роден од татко Египетец, излезе меѓу Израелците и зафати во логорот, караница со еден Израелец.

11. И синот на Израелката го похули името Господово и го проколна. Тогаш го доведоа при Мојсеја. Името на мајка му беше Саломита, Давриина ќерка, од Дановото племе.

12. Го ставија под стража, додека не им се открие Господовата волја.

13. И Господ му рече на Мојсеја:

14. „Изведи го хулителот надвор од логорот. А сите кои го слушнаа нека ги положат своите раце на неговата глава. Тогаш целото општество нека го каменува.

15. Потоа ќе им прозбориш на Израелците вака: ‘Кој ќе Го проколне својот Бог, ќе го понесе својот грев;

16. кој ќе изговори хула против Господовото име, нека биде погубен - целата заедница нека го погуби со камења; било да е туѓинец или домородец, ако Го похули Господовото име, треба да умре.

17. Кој ќе убие кој и да е друг човек, треба да и биде предаден на смртта.

18. Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести: животно за животно.

19. Кој ќе го повреди својот ближен, нека му биде направено како што сторил тој:

20. скршено за скршено, око за око, заб за заб: каква повреда му направил на човекот, така да му се направи и нему.

21. Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести; но кој ќе убие човек, треба да умре.

22. Судот нека ви биде еднаков и за придојденикот и за домородецот, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог.’”

23. Откако Мојсеј им го изложи тоа на Израелевите синови, го изведоа хулителот надвор од логорот и го засипаа со камења. И Израелците направија како што Господ му заповеда на Мојсеја.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 24