Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 19:14-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Не проколнувај го глувиот, ниту ставај пречка пред слепиот. Бој се од твојот Бог! Јас Сум Господ!’

15. ‘Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен!

16. Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен. Јас Сум Господ!’

17. ‘Не мрази го твојот брат во твоето срце! Должност ти е да го кориш твојот ближен, така не ќе паднеш во грев заради него.

18. Не се одмаздувај и немај злоба кон синовите на твојот народ. Љуби го својот ближен како себеси. Јас Сум Господ!’

19. ‘Пазете ги Моите заповеди! Не оставај го твојот добиток да се спарува со друг вид. Не засевај ја твојата нива со два вида семе. Не облекувај се во облека од два вида ткаенина.’

20. ‘Ако некој преспие со робинка, која е свршена за друг, но уште не е откупена ниту и е дадена слободата: треба да бидат казнети, но не со смрт, зашто таа не е слободна.

21. Тој нека Му принесе на Господа, при влезот во Шаторот на средбата, принос за престап, овен како жртва за својот престап.

22. И свештеникот ќе направи да му се покрие гревот, пред Господа, со овенот за престап од сторениот грев, и ќе му биде простен гревот што го направил.’

23. ‘Кога ќе влезете во земјата и кога ќе засадите каква и да е овошка, сметајте ги нејзините плодови за необрезани. Три години нека ви бидат необрезани: не јадете ги.

24. На четвртата година нека бидат посветени сите нејзини плодови на Господовите празнувања.

25. А на петтата година јадете го нејзиниот плод и собирајте го нејзиниот род. Јас Сум Господ, ваш Бог!’

26. ‘Не јадете со крв! Не вражајте и не гатајте!

27. Не стрижете ја косата на вашите глави кружно и не стрижете го крајот на вашите бради.

28. Не врежувајте засеци на вашето тело за покојник; ниту засечувајте некакви знаци на себе. Јас Сум Господ!’

29. ‘Не осквернувај ја твојата ќерка, дозволувајќи и да блудствува; за да не блудствува земјата и за да не се наполни земјата со разврат.

30. Пазете ги Моите саботи, почитувајте го Моето Светилиште. Јас Сум Господ!’

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 19