Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 16:17-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество,

18. нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни.

19. Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.”

20. „Кога ќе го сврши очистувањето на Светилиштето, Шаторот на средбата и жртвеникот, нека го приведе живиот јарец.

21. Арон нека ги стави своите раце на главата на живиот јарец и нека ги исповеда над него сите беззаконија на Израелците, сите нивни престапи и сите нивни гревови. Откако ќе ги положи така на главата на јарецот, нека го испрати во пустината преку раката на определениот човек за тоа.

22. Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина.”

23. „А Арон нека влезе во Шаторот на средбата, нека ги соблече од себе ленените облеки, во кои беше облечен кога влегуваше во Светилиштето, и нека ги остави таму.

24. Потоа нека го измие своето тело со вода на свето место и нека ја облече на себе својата облека, па нека излезе за да ги принесе: својата жртва паленица и паленицата на народот и ќе се очисти себеси, и народот.

25. А лојот од жртвата за грев нека го изгори на жртвеникот.

26. Оној кој го одведе јарецот на отпуштање нека ја испере својата облека, нека го измие своето тело во вода, и потоа пак може да влезе во логорот.

27. А јунецот за грев и јарецот за грев, чија крв беше внесена во Светилиштето за покривање на гревот, нека ги изнесат надвор од логорот па нека ги изгорат во оган нивните кожи, нивното месо и нивната нечистота.

28. Кој ќе ги гори, нека ја испере својата облека, нека го искапе своето тело во вода, и после тоа пак може да дојде во логорот.”

29. „Овој закон нека биде вечен за вас: во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, смирете ги вашите души и не вршете никаква работа: ни домородецот ни странецот, кој е населен меѓу вас.

30. Зашто на тој ден ќе биде извршено над вас покривање на гревовите, за да бидете чисти, пред Господа, од сите ваши гревови.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 16