8. Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.”
9. „Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот.
10. Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир,
11. тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист.
12. Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сè што можат да видат свештениковите очи,
13. и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сè се претворило во бело; тој е чист.
14. Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист.
15. Кога свештеникот ќе го види чирот, нека го прогласи болниот за нечист, тоа е лепра.
16. Но ако чирот се измени во бело, човекот нека дојде кај свештеникот.
17. Свештеникот нека го прегледа: ако раната побелела, свештеникот нека го прогласи болниот за чист - тој е чист.”
18. „Кога некому ќе му се појави чир на кожата и оздравел,
19. и ако таму каде што бил чирот се појави бел оток или местото избледнее и побели, или ако се појави белоцрвеникава дамка, човекот нека му се покаже на свештеникот.
20. Свештеникот нека го прегледа. Ако најде дека кожата е подлабока, а влакната се побелени, свештеникот нека го прогласи за нечист - тогаш тоа е лепра што избувнала од чирот.
21. Ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле тука, дека кожата не е подлабока отколку на друго место, дека местото не темнее, нека го одвои болниот седум дена.