Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 13:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ им рече на Мојсеја и Арона:

2. „Ако некому му се појави на кожата оток или лишај или дамки; што би било навестување на лепра врз кожата на неговото тело; таквиот нека биде доведен при свештеникот Арон или при некој од неговите синови - свештеници.

3. Свештеникот нека го прегледа заразеното место на кожата на неговото тело. Ако влакната на заразеното место се побелени, и изгледа дека тоа е подлабоко од кожата на неговото тело, тогаш тоа е лепра. Откако свештеникот ќе го прегледа, нека го прогласи за нечист.

4. Но ако се покаже дека белата дамка на кожата на неговото тело не е подлабоко отколку и кожата, а влакната на неа не побелеани, тогаш свештеникот нека го осами болниот седум денови.

5. Свештеникот нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако утврди со своите очи дека заразата постои уште, но не се шири повеќе по кожата, нека го осами уште седум денови.

6. Нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако заразеното место биде помалку забележливо, а болеста не се проширила по кожата, нека го прогласи за чист: тоа е само лишај. Откако ќе ги испере своите облеки, ќе биде чист.

7. Но ако лишајот се прошири по кожата, откако свештеникот го прегледал болниот и го прогласил за чист, нека се јави пак пред свештеникот.

8. Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.”

9. „Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот.

10. Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир,

11. тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист.

12. Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сè што можат да видат свештениковите очи,

13. и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сè се претворило во бело; тој е чист.

14. Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 13