поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27

Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ го повика Мојсеја и му рече од Шаторот на средбата:

2. „Говори им на Израелевите синови и кажи им: ‘Кога некој од вас сака да Му принесе на Господа жртва од добитокот, нека ја принесе или од крупниот или од ситниот добиток.

3. Ако неговиот принос за жртвата паленица биде од крупниот добиток, нека принесе машко без недостаток. Нека го доведе кон влезот на Шаторот на средбата, за да биде примен пред Господа.

4. Нека ја стави својата рака на главата на жртвата паленица, за да му биде примена и со тоа да му се покрие вината.

5. Потоа нека заколе јунец пред Господа. А Ароновите синови, свештениците, нека ја принесат крвта. Нека ги прскаат со неа сите страни на жртвеникот што стои пред влезот на Шаторот на средбата.

6. Потоа нека ја одерат жртвата и нека ја насечат на делови.

7. Ароновите синови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот и нека стават дрва во огнот.

8. Потоа Ароновите синови, свештениците, нека ги наредат деловите, со главата и со салото, врз дрвата што се во огнот на жртвеникот.

9. Внатрешноста и нозете нека бидат измиени со вода, и свештеникот нека изгори сè на жртвеникот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’

10. ‘Ако некој сака да принесе жртва паленица од ситниот добиток - од овците или од козите - нека принесе машко без недостаток.

11. Нека го заколе пред Господа, на северната страна на жртвеникот. А Ароновите синови, свештениците, нека го испрскаат со крв жртвеникот од сите страни.

12. Потоа нека ја насечат на делови, а свештеникот нека ги нареди деловите, со главата и со салото, врз дрвата што се во огнот на жртвеникот.

13. Внатрешноста и нозете нека бидат измиени во вода. Тогаш свештеникот нека принесе сè и нека го изгори на жртвеникот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’

14. ‘Ако сака да Му принесе на Господа птици како паленица, тогаш нека принесе грлица или гулапче.

15. Свештеникот нека ја принесе кон жртвеникот и, откако ќе и го свитка вратот, нека ја скине главата и ја изгори на жртвеникот, а крвта нека ја исцеди отстрана на жртвеникот.

16. Нека и ги отстрани вратот и перјата и нека ги фрли на источната страна на жртвеникот, во местото за пепелта.

17. Нека ја расече во должина на двете крила, но нека не ги одделува: и свештеникот нека ја изгори на жртвеникот, врз дрвата што се во огнот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’