Стар Завет

Нов Завет

Јов 30:16-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Мојата душа се разлева во мене, денови на неволја се урнаа врз мене.

17. Ноќе, болеста ги прободува моите коски, не стивнуваат болките, што ме гризат.

18. Маката ми ја смени и облеката и ме стегна како јака на облекло.

19. Ме фрли во калта долу, ете, станав како прав и пепел.

20. Викам кон Тебе, но Ти не одговараш; стојам пред Тебе, но Ти и не се грижиш.

21. Стана жесток кон мене, со претешка рака се нафрлаш кон мене.

22. Ме креваш со виор, со него ме носиш, ме вртиш силно во вртеж на бурата.

23. Да, знам дека ме предаде на смртта, на заедничкото собиралиште на сите живи.

24. Не ја испружува ли раката давеникот, не вика ли кога ќе падне во неволја?

25. Не плачев ли за страдалниците, не се ли сожали мојата душа за сиромашниот?

26. Се надевав на среќата, а дојде несреќата; ја чекав светлината, а, ете, темнина ме зави.

27. Утробата врие во мене непрекратно, ми донесува нови страдања, секој ден.

28. Одам поцрнет, но никој не ме теши; Станувам во собранието - за да извикам.

29. Станав брат на шакалите и им станав другар на ноевите.

30. Сета кожа поцрне на мене, и оган ми ги изгоре коските.

31. Мојата харфа се претвори во тажачка, а мојата свирка има глас на тажачи.

Прочитајте целосна глава Јов 30