поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3

Стар Завет

Нов Завет

Јоил 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Словото Господово дојде до Јоила, синот Фатуилов.

2. Чујте го ова, старци, послушајте, сите жители на земјата! Дали некогаш било нешто вакво во вашите денови или во деновите на вашите татковци?

3. Речете им го ова на вашите синови, вашите синови на своите синови, а нивните синови на идното колено.

4. Што остави гасеницата, го изеде скакулецот, што остави скакулецот, го изеде црвецот, што остави црвецот, го дојаде бубачката.

5. Разбудете се, пијаници, и плачете! Сите винопијачи, тажете по ново вино: зашто ви е земено од устата.

6. Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица.

7. Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа.

8. Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник.

9. Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги.

10. Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши.

11. Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва.

12. Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.

13. Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата!

14. Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа:

15. О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сèвишниот.

16. Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог?

17. Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито.

18. Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната.

19. Кон Тебе, Господи, викам? Зашто огнот ги спали пустинските пасишта, пламенот ги изгоре сите полски дрва.

20. Па и полските дрва копнеат по Тебе, зашто потоците пресушија, огнот ги спали пустинските пасишта.