3. Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето и е помазно од масло,
4. но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици.
5. Нејзините нозе слегуваат кон смртта, а чекорите и водат кон Подземјето.
6. Таа не оди по патот на животот, патеките и се колебливи и таа не знае на каде водат.
7. Затоа, сега послушај ме сине, и не отстапувај од зборовите на мојата уста.
8. Твојот пат нека е далеку од неа, и не се приближувај до вратата на нејзината куќа,
9. да не го дадеш цветот на својата младост и своите години на немилостивите;
10. да не се наситат туѓинци од твојот имот, и твојот труд да не отиде во туѓа куќа;
11. да не ридаш на крајот кога ќе бидат истрошени телото и снагата,
12. и да не речеш: „Ох како ја мразев поуката, и како моето срце го презираше укорот!
13. И не го слушав гласот на своите учители, ниту го приклонив увото кон оние што ме поучуваа.
14. И за малку не западнав во секакво зло, среде собирот и заедницата!”
15. Пиј вода од својот извор и онаа што извира од твојот кладенец.
16. Зар надвор да се разлеваат твоите извори и водните потоци да течат по улиците?
17. Нека бидат тие само твои, а не и на туѓинците кои се покрај тебе.
18. Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост,
19. нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно!
20. Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката?
21. Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки.